Невидена драма: Миротиќ ја спаси Барса, Црвена Звезда загуби меч во кој чудесно се врати и требаше да победи

Барселона славеше со резултат 94-99 на драматичното гостување во Белград против Црвена Звезда, меч што го одбележаа големи пресврти. Херој на каталонскиот гигант беше Никола Миротиќ, кој погоди неверојатна тројка со звукот на сирената, водејќи го мечот во продолжение во кое преморените кошаркари на „црвено-белите“ немаа сили да го издржат притисокот.

Дуелот почна катастофално за Црвена Звезда, откако не само што Барселона поведе, туку домаќините кон средината на првиот период останаа и без најдобриот кошаркар, Вилдоза, кој заработи повреда. Барса на стартот од вториот дел имаше водство од 19-34, но тогаш домаќините се вратија на неверојатен начин, со серија од 17-0 стигнувајќи и до водство од 36-34.

„Црвено-белите“ беа подобар ривал и во голем дел од второто полувреме, во последната четвртина во неколку ситуации имаа и „плус дванаесет“, но шутот на Барса од далечина профункционира кога беше најважно, Абринес и Шанли беа прецизни во клучните моменти, за Миротиќ да погоди со звукот на сирената за тотален молк во салата.

 

Видно ограничени во ростерот, без повредените Ивановиќ и Вилдоза, како и без новото засилување Кампацо, домашните кошаркари не можеа да го издржат темпото во дополнителните пет минути, во кои Барса успеа да стигне до победата.

Се вчитува...