Невидена драма на „Олд Трафорд“: Јунајтед со гол во 120. минута го елиминираше Ливерпул од ФА Купот

Манчестер Јунајтед е последниот полуфиналист во ФА Купот на Англија откако „црвените ѓаволи“ во меч за паметење го совладаа вечниот ривал Ливерпул со 4-3, и тоа по продолженија од два пати по 15 минути. Ливерпул дури имаше и предност од 2-3 по првото продолжение од 15 минути, но Јунајтед собра сили за целосен пресврт и голема победа, останувајќи во игра за освојување на трофеј оваа сезона.

Дуелот почна со подобра игра на „црвените ѓаволи“ кои поведоа преку Метоминеј, а при 1-0 истиот фудбалер не искористи зицер за зголемување на водството. Ливерпул се врати во самиот финиш од првото полувреме, најпрвин Мекалистер погоди за 1-1, а веднаш потоа Салах одлично се снајде по една одбиена топка и го доведе во водство тимот на Јирген Клоп. Двата тима одиграа офанзивно во вториот дел, но домаќините успеаја да израмнат со голот што го постигна Ентони. Јунајтед имаше и зицер во 93. минута од регуларниот дел од мечот, но Рашфорд во ситуација „еден на еден“ со голманот шутираше крај голот.

Харви Елиот со удар што го закачи Ентони го изненади Онана носејќи го Ливерпул во водство во 105. минута, но „црвените“ паднаа во второто продолжение. Најпрвин Нуњез направи катастрофална грешка губејќи топка на сопствената половина по која Рашфорд израмни на 3-3, за во 120. минута гостите почетнички да реагираат по еден нивни корнер, губејќи ја топката по што Јунајтед тргна во контра „два на еден“ и преку Диало стигна до огромна победа.

Се вчитува...