Невидена драма: Реми меѓу Лазаров и Брестовац, Тиквеш во супер-финиш се спаси од пораз од Алкалоид

Почетокот на ракометниот плејоф донесе феноменален натпревар во кој Тиквеш и Алкалоид ги поделија бодовите ремизирајќи 30-30. Во меч што изобилуваше со енергија на теренот, прекрасни погодоци, голмански интервенции и со пресврти, на крајот Тиквеш се спаси од пораз постигнувајќи два гола во последните триесетина секунди, враќајќи се од 28-30 за реми против амбициозниот скопски проект. Ова воедно беше и пресметка меѓу претходниот и актуелниот селектор на Македонија, Данило Брестовац и Кире Лазаров, што беше само мотив повеќе за двајцата стратези.

Кавадарчани максимално мотивирани влегоа во мечот, цврсти во одбраната, што придонесе Кондев уште во првата минута од мечот да добие исклучување. Тиквеш беше подобар противник во голем дел од првото полувреме, во кое избраниците на Брестовац им создаваа многу проблеми на пулените на Кире Лазаров. Алкалоид не наоѓаше одговор за цврстата одбрана на Тиквеш на чело со голманот Велков, домаќините водеа со 4-2, потоа и со 6-3 и со 9-6. Секогаш кога скопскиот тим ќе влезеше во серија, Тиквеш возвраќаше со сопствени голови во низа, па домаќините имаа водство и од четири гола (14-10 и 15-11). Голманот Трајковски влезе во ритам во финишот за Алкалоид, одбрани два пенали (еден при обид за лоб на Кондев при 15-12), им даде самодоверба на своите помлади соиграчи, кои пред самиот крај на полувремето успеаја и да израмнат на 16-16 со голот што го постигна Михаил Ивановски.

Алкалоид беше подобра екипа во почетните минути од второто полувреме, во кое скопјани поведоа и со три гола разлика (18-21). Удобното водство донесе и опуштање, Тиквеш го казни тоа со два брзи гола, а Лазаров веднаш побара тајмаут за да ги консолидира редовите на својата екипа. Велков се врати на голот на Тиквеш по слабата мини-епизода на Брауновиќ и веднаш одбрани два зицери. На петнаесет минути до крајот дојде и до голема мешаница откако Петковски при обид од крило го погоди во главата домашниот голман, по што дел од домашните играчи тргнаа да се пресметаат со крилото на Алкалоид, влетаа и играчите од клупите на двете екипи, но за среќа беше избегнат посериозен физички конфликт.

Тиквеш израмни на 22-22, но Ѓоргиев со два гола донесе ново водство од два погодоци за Алкалоид (22-24). Тиквеш повторно се врати, па во последните девет минути се влезе со израмнети 25-25. Серафимов ја презеде одговорноста кај гостите со два гола во низа за својот тим, кавадарчани израмнија на 27-27, а по грешката на Митев со играч повеќе домашниот тренер Данило Брестовац побара тајмаут. Екс-селекторот имаше право да биде лут откако неговите играчи почетнички згрешија, а Џонов го искористи тоа и од сопствената половина биеше прецизно во празната противничка мрежа. Во следниот напад Тиквеш имаше пенал, но младиот Галевски го запре обидот на Симиќ, веднаш потоа Трајковски го запре зицерот на пивотот Анастасовски, а по тајмаутот на Лазаров, Џонов од крило погоди за водство на Алкалоид од 27-29. Домаќините не се предадоа, дадоа два гола во празна мрежа експресно по примените голови, па на десет секунди до крајот добија и напад за израмнување при 29-30. Тиквеш одигра беспрекорен напад, Симиќ влета и погоди за 30-30, Алкалоид имаше доволно време за шут од центар кон празна мрежа, но обидот на Никола Маркоски заврши само во гредата, за конечни 30-30 на овој фантастичен меч.

Симиќ со девет и Димовски со пет погодоци беа најефикасни во таборот на Тиквеш, додека најдобри поединци кај Алкалоид покрај голманот Трајковски беа Џонов со шест и Ѓоргиев и Митев со по пет погодоци.

Се вчитува...