Невидена драма во „Буеса арена“: Партизан имаше победа во раце, а загуби по продолжение од Басконија (ВИДЕО)

Белградски Партизан не успеа и по цели осум години конечно да дојде до триумф во најквалитетното европско клупско натпреварување. Последен пат црно-белите славеа пред осум години во Евролигата, за да сезонава во 2. коло во повеќе од драматичен натпревар во „Буеса арената“ имаа победа во раце на гостувањето против Басконија, но дозволија домашните во последната секунда од регуларниот дел со тројка да дојдат до израмнување за продолжение а потоа во дополнителните пет минути да загубат со 103-96.

Партизан одлично го почна мечот добивајќи ја првата четвртина со 14-23, но домашните веднаш се вратија во вториот период од играта за да дојдат до предност на полувремето од 46-42.

Во израмнето второ полувреме Партизан на седум секунди пред крајот имаше предност од 86-88 и две слободни фрлања. Но, Нанали погоди само едно слободно фрлање (тоа беше прво промашено слободно фрлање на Нанали – 5/6), за да во следниот напад најдобриот кошаркар на Басконија, Маркус Хауард погоди тројка за 89-89 и продолжение.

 

Во продолжението Басконија беше подобра доаѓајќи до победата од 103-96.

Најдобар кај победниците беше Хауард до 33 поени, единствен за издвојување кој постигна и осум тројки на мечот. А, во редовите на Партизан се издвоија Кевин Пантер со 26 поени и пет скока, а извонреден беше и Лесорт со 19 поени и 11 скока. Ледеј мечот го заврши со 23 постигнати поени и десет скока.

Фенербахче, во првите денешни натпревари, беше убедлив против Макаби Тел Авив победувајќи со 86-71, а Олимпијакос славеше со 90-80 против Жалгирис.

Алба Берлин ја запиша и втората победа, по триумфот над Партизан во првото коло, овој пат триумфирајќи на гостувањето против Милано по продолжение со 74-80.

Се вчитува...