Хрватска и Албанија го одиграа најинтересниот меч во досегашниот дел од ЕВРО 2024, дуел во Хамбург што заврши без победник, 2-2, а двете селекции ќе имаат за што да жалат. Албанците што при предноста од 0-1 имаа две стопроцентни шанси и беа подобар ривал во второто полувреме, а Хрватите што по големиот пресврт и двата гола за три минути не успеаја да стигнат до цел плен примајќи гол во 95. минута.
Исто како и во првото коло против Италија, повторно Албанците први дојдоа до предност, но падот на концентрацијата и двата примени гола во краток период им пресудија на албанските репрезентативци. Албанија дури беше и подобар противник во првото полувреме, во кое Лаци донесе предност во 10.минута, а Ливаковиќ спречи уште поголема предност на аутсајдерот запирајќи го зицерот на Аслани кон средината на првиот дел.
Хрватска делуваше безидејно и покрај големиот посед на топката во првото полувреме, но во вториот дел избраниците на Златко Далиќ заиграа многу поконкретно кон голот на Стракоша. Влегувањето на Будимир, како и она на Сучиќ и Пашалиќ дополнително ја зголемија офанзивата што вроди со два гола во рок од три минути.
Андреј Крамариќ беше стрелец на израмнувачкиот погодок, откако искусниот напаѓач се најде на вистинско место во вистинско време и на асистенција на „резервистот“ Будимир погоди за 1-1, за огромна радост и најдобар можен подарок за 33. роденден на Крамариќ.
Една минута подоцна Пашалиќ не реализираше зицер, но веднаш потоа Хрватска успеа да стигне и до втор гол, Будимир повторно одлично се снајде и уфрли кон петерецот, каде шутираше Сучиќ, топката го закачи Ѓасула и заврши во мрежата на Албанија. Хрватска промаши уште неколку добри шанси за трет гол, но и Албанија можеше да стигне до израмнување кога Хоџа биеше опасно од дваесетина метри. Сепак, Ливаковиќ повторно беше на висина на задачата, хрватскиот голман имаше уште една одлична интервенција со која беше меѓу најзаслужните за оваа победа на „коцкестите“.
И кога се чинеше дека мечот ќе заврши 2-1, хрватската одбрана потклекна откако по едно додавање од лвата страна топката стигна до Ѓасула, а фудбалерот кој петнаесетина минути претходно си постигна автогол реагираше мајсторски, стрелајќи прецизно за конечни 2-2 и огромна радост на албанските фанови во Хамбург.
Хрватска во третото коло ќе се сретне со селекцијата на Италија, додека Албанците во последната рунда за противник ќе ја имаат Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА