Незаслужено убедлив пораз: Супер-Нено одигра маестрално, но не можеше сам против Литванија

ЕКИПА во Клаипеда,

Стеван Цаневски

Македонија одигра извонредни три четвртини, но потклекна во финишот и на крајот загуби со 94-72 на гостувањето против Литванија, во четвртото коло од квалификациите за Евробаскет 2025. Ненад Димитријевиќ одигра натпревар за паметење постигнувајќи 43 поени, но нашиот најдобар кошаркар потоа заработи незгодна повреда и ги пропушти последните шест минути во кои Литванците целосно го скршија нашиот отпор и стигнаа до победата. Конечниот исход е апсолутно нереален одраз за случувањата на теренот, ако се знае дека на полувреме имавме предност, по три четвртини домаќините водеа со само два поени, но последните десет минути се покажаа кобни за нашиот национален тим.

Литванците отворија со две атрактивни забивања преку Еходас, додека Димитријевиќ ги постигна првите поени за Македонија (4-2, 3. минута). Судискиот критериум на стартот беше сосема различен во однос на мечот со Скопје, па Литванците за три минути веќе направија четири прекршоци. Ѓуроски ја погоди првата тројка за Македонија, израмнувајќи на 6-6, за веднаш потоа Димитријевиќ да украде топка и да погоди тројка за наше водство од 6-9. „Црвено-жолтите“ продолжија одлично, Димитријевиќ повторно стрелаше прецизно, па при наше водство од 6-11 домаќините го зедоа првиот тајмаут. Шутот на Литванците проработе по таа минута одмор, Димитријевиќ блескаше, но домаќините погодија три тројки во серија и намалија на 17-18. Димитријевиќ имаше одговор за се, во првите сум минути веќе нанижа 16 поени, а Македонија поведе со 17-23.

Првата четвртина заврши со 23-27 за Македонија, токму благодарение на Димитријевиќ кој за десет миути имаше 18 поени, 4 асистенции и две украдени топки. Литванија го отвори вториот период со серија од 5-0,по што Јончевски го побара својот прв тајмаут при водство на домашниот состав од минимални 28-27. Димитријевиќ доби заслужен одмор, но резервите на Македонија одиграа одлично и по положувањето на Стајиќ за водство од 30-36, дојде ред на Куртинаитис да побара нов тајмаут. Домаќините постигнаа пет поени во низа, Јончевски побара минута одмор, по што Димитријевиќ реализираше стигнувајќи до својот 20. поен на натпреварот. Големиот ас го продолжи своето шоу, Македонија на одмор замина со предност од  токму благодарение на Нено и неговите 28 поени за едно полувреме.

Вториот дел почна со поени на Димитријевиќ за 43-48, но Литванија одговори со серија од 9-0, па Јончевски беше приморан во 33. минута да побара тајмаут. Македонија се приближи на 54-53 по тројката на Димитријевиќ, неколку одлични интервенции во одбрана имаше Адем Мекиќ, кој по украдена топка положи за 59-57, не дозволувајќи домаќините да се одлепат. Димитријевиќ погоди нова тројка за 60 -60 (38 поени во 28. минута од мечот), а по двете судиски грешки на штета на нашата селекција, домаќините ја завршија третата четвртина со предност од 64-62.

Последниот период го почнавме со Димитријевиќ на клупата, а Литванија го искористи тоа и набрзина поведе со 67-62. Домаќините на девет минути до крајот стигнаа до најубедливи „плус седум“ (69-62), но Димитријевиќ веднаш по влегувањето погоди тројка и ја врати Македонија во игра. Сепак, шутерското шоу на Литванија продолжи, па со тројката на Земаитис (вкупно 10. на домашната селекција) Литванците поведоа со 75-65. Јончевски зеде тајмаут, во следната акција Димитријевиќ положи во рекетот, но и остана да лежи под кошот, по што мораше да му биде укажана лекарска помош и на рацете на еден од членовите на нашиот стручен штаб беше доведен до клупата. Литванија знаеше како да го искористи отсуството на нашиот најдобар играч, ја зголеми предноста и на крајот триумфираше со конечни 94-72.

Ненад Димитријевиќ беше главна фигура на натпреварот, за 29 минути до повредата успевајќи да постигне 43 поени, со 6 асистенции, 4 скока и три украдени топки. Крстевски, Стајиќ и Маслинко постигнаа по шест поени за нашиот национален тим, додека со пет поени мечот го заврши Ѓуроски.

Поразот не значи и дефинитивна елиминација на Македонија од квалификациите за Евробакет 2025, за пласман понатаму потребни ни се две победи во февруари (над пет поени во Талин над Естонија и на домашен терен над Полска), но и пораз на Естонците во Литванија во последното коло.

Надежта последна умира, а со ваков кошаркарски ас како Ненад Димитријевиќ, таа мисија не делува невозможна.

Се вчитува...