ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Европскиот првак Шпанија се наоѓа на работ на елиминација од СП 2019 откако „црвената фурија“ вечерва во одличен натпревар во Келн беше поразена од Франција (33-30). По последниот неуспех во Минхен против Хрватска, шпанските ракометари и овојпат беа под своето ниво, а „триколорите“ знаеја како да го искористат тоа и да направат значаен чекор напред кон полуфиналето од овој Мундијал.
„Триколорите“ фуриозно го почнаа мечот, експресно поведувајќи со 5-2, резултат при кој Гонзало Перез де Варгас одбрани зицер и спречи Франција уште во раната фаза сериозно да се одлепи. Шпанците успеаја да се вратат уште во текот на првото полувреме, но Французите предводени од Фабрегас и од Ремили имаа одговорија со нова серија. Арпад Штербик влезе во игра на десетина минути до крајот на полувремето, при резултат 14-12, Франција имаше и 17-12, пред шпанскиот голман да наниже три интервенции и да ја намали разликата на само два гола при заминувањето на одмор (17-15), пред се благодарение на извонредниот Соле и неговите девет гола за 30 минути игра, без ниту едно промашување.
Штербик бранеше одлично и на стартот од вториот дел, аткуелниот европски првак стигна и до израмнување на 18-18, но тоа беше се од Шпанците на овој натпревар. Дика Мем влезе во шутерски ритам, проработе и одбраната од која произлегоа лесни голови во контранапад, па Франција експресно стигна и до најубедливи шест гола предност (26-20). Шоуто продолжи со три гола во низа на младиот Мелвин Ричардсон , Шпанците на две минути до крајот се приближија до 32-30, но тогаш Димулан го одбрани ударот на Арињо и стави печат на победата на Франција, изразена со конечни 33-30.
Двајцата членови на Барселона, Мем и Фабрегас, беа најефикасни кај „триколорите“ со по шест гола, додека најдобар стрелец на Шпанија беше Соле со 11 погодоци, девет од нив во првото полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА