Шкендија со миниминални 1-0 го совлада тимот на Хаварфордвест во рамките од првиот меч во 1. квалификациско коло во Конференциската лига, и со таква предност ќе патува на реваншот во Велс.
Резултатот можеше да биде и поубедлив доколку Шкендија не затаи во ефикасноста. Имаше уште барем четири чисти шанси да дојде до поубедлива победа, можеби и да го реши прашањето околу патникот во следната фаза, меѓутоа остана само на тој еден гол на Аденис Шала во 47. минута.
По натпреварот тренерот на Шкендија, Ардијан Нухиу кажа дека е задоволен од играта на неговите избраници, и дека требало малку повеќе среќа за да се дојде до уште некој гол. Најави поправање на реализацијата за вториот меч.
„Претходно изјавив дека нема слаби противници на вакви натпревари. Имавме противник кој беше многу дисциплиниран, ни остави многу малку простор и имаше јасни идеи како да се брани и бараше преку контранапади за да не казни. Создадовме многу шанси, можеби со малку среќа ќе постигневме гол, но задоволен сум од играта на момците бидејќи тоа е прв натпревар и на овие нивоа создавате толку многу шанси. Можеби само ни недостигаше среќа. Момците покажаа карактер, никогаш не се откажуваа, постојано гледаа и ми се допадна како се справуваме со противничките против напади. Затоа бевме многу агресивни и во моментот кога топката беше загубена. Технички сме добра екипа, а како одминува времето играчите уште подобро ќе се воиграат и ќе бидат уште подобри. Предноста сега за следниот меч е тоа што подобро го познаваме противникот. Се надевам дека на вториот меч ќе бидеме посмирени во реализацијата, и ќе работиме на овој аспект“, изјави Нухиу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА