Нико Ковач беше на чекор до отказ во редовите на германскиот првак Баерн Минхен и во својот последен обид на клупата на баварскиот тим одлучи да ги послуша старите мудреци, Ули Хенес и Карл – Хајнц Румениге. Тандемот кој раководи со клубот има огромно искуство, повеќе од четири децении се дел од Баерн Минхен и знаат како функционираат работите и до најмали детали. Епилогот е видлив, тимот ја совлада Бенфика со 5-1 на „Алијанц арена“ и се пласира во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Тие го советуваа Ковач да направи мали тактички промени и да постави дел од фудбалерите на поинакви позиции. Така, Рафиња повторно се најде на десната бековска позиција, а Кимих се врати во средниот ред. Во нападот блесна Арјен Робен, постигна прекрасен гол уште на стартот и машината почна да „меле“ како некогаш.
Клучен фактор е и одлуката Хенес и Румениге пред секој натпревар да бидат во соблекувалната заедно со Нико Ковач. Хрватот во еден период ја загуби довербата кај фудбалерите, па имаше и испади од типот „Ова не ти е Франкфурт“. Но, полека работите најверојатно се средуваат, и според германските медиуми тој и понатаму ќе остане на кормилото на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА