На денешен ден, точно 40 години од една од најголемите трагедии на спортските терени во историјата. Тагата и понатаму е преголема. Требаше да биде големо финале. Од едната страна Ливерпул, актуелниот првак на Европа, со Далглиш, Раш, Гробелар, од другата страна Јувентус со Платини, Роси, Тардели, Боњек… Тој 29. мај 1985 година, во финалето на Лигата на шампионите на „Хејсел“ во Брисел.
Сите чекаа почеток на големото финале, а тогаш се случи лудилото. Навивачите на Ливерпул бараа одмазда за лошиот пречек во Рим една година претходно. До судири дојде уште на улиците на Брисел, а пресметката продолжи и на трибините. Од почетокот беше само каменување кон спротивната страна, но потоа фановите на Ливерпул ја пробија заштитната ограда која ги делеше двата навивачки табори.
Последиците беа катастрофални: загинаа 39 лица, од кои 32 Италијанци, четворица Белгијци, двајца Французи и еден Северноирец, додека околу 600 лица беа повредени. Меѓу жртвите имаше деца, жени и неутрални набљудувачи.
И покрај желбите и молбите на фудбалерите на двата тима натпреварот да биде откажан, УЕФА и белгиските власти одлучија да продолжат со финалето, плашејќи се од понатамошни немири и хаос.
„Во соблекувалната ни упадна шефот на градската полиција и ни кажа што се случило. Инсистираше дека мора да играме, од Јувентус се согласија. Но, ние не сакавме да играме… Како да размислуваме за фудбал и да играме на стадионот на кој во моментот луѓе умираат“ – се потсетува тогашниот капитен на Ливерпул, Фил Нил, за натпреварот кој Англичаните и денес го одбележуваат како „ден кога умре фудбалот“.
Јувентус победи со 1-0 со голот на Мишел Платини од пенал кој не постоеше, со оглед на тоа дека беше надвор од шеснаесетникот, во 56. минута…
Одговорноста за катастрофата беше поделена меѓу англиските хулигани, лошата организација, несоодветната полиција и катастрофалната состојба на стадионот.
Веднаш по трагедијата, УЕФА донесе историска одлука: сите англиски клубови беа исклучени од европските натпреварувања на неопределено време, кое подоцна беше дефинирано на пет години, додека казната за Ливерпул беше продолжена на шест години (подоцна намалена на една).

Затвор за 14 навивачи на Ливерпул и пресвртница во европскиот фудбал
Судот во Белгија прогласи 14 навивачи на Ливерпул за виновни за убиство од небрежност и ги осуди на три години затвор, од кои отслужија околу една година. Некои белгиски полицајци и фудбалски службеници беа исто така казнети поради пропусти во организацијата и безбедноста.
Хејсел означи пресвртница во европскиот и англискиот фудбал. Потоа следеше модернизација на стадионот, построги безбедносни правила, одвојување на навивачите и забрана за алкохол на трибините. Трагедијата, заедно со последователната катастрофа во Хилсборо, доведе до реформи што ги направија европските стадиони побезбедни и постепено го истиснаа хулиганството од фудбалските терени.
Денес, децении подоцна, Хејсел останува симбол на опасностите од хулиганството, лошата организација и недостатокот на грижа за безбедноста на гледачите. Семејствата на жртвите и преживеаните сè уште ги носат раните од тој ден, а двата клуба – Јувентус и Ливерпул – редовно им оддаваат почит на загинатите, потсетувајќи дека фудбалот никогаш не треба да биде поважен од човечките животи.
Како и да е, едно ќе остане заокружено од тој ден засекогаш за историјата: Никогаш да не се повтори „Хејсел“!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

