Никогаш, се чини, крај на проблемите со повредите кога се во прашање собирите на македонската репрезентација.
Селекторот Благоја Милевски и за јунскиот собир, и натпреварите против Белгија и против Казахстан, нема да може да смета на сите свои предвидени сили. Веќе е познато од поодамна дека поради повреди отпаднаа Дарко Велковски и Никола Серафимов, а дефинитивно за јунскиот собир отпадна и крилниот офанзивец Лирим Ќамили.
Но, со најавени мали повреди на националниот тим ќе се приклучат и Исник Алими, Бојан Миовски и Бојан Димовски. Дополнително, за време на собирот, ќе биде утврдено колку и на кој натпревар ќе може да бидат на располагање.
„За жал нема да сметаме на Серафимов, Велковски и Ќамили поради повреда, а под знак прашалник се Алими, Димоски и Миовски за кои се надевам дека ќе дадат максимум да бидат способни да играат. Верувам и посакувам дека ќе бидат подготвени за настап. Токму поради тоа објавивме малку проширен список. Свесни сме дека имаме доста проблеми со играчкиот кадар, но во моментов мислам дека немаме потреба од дополнителни повици и се надевам дека ќе остане така. Единствен дебитан е Стефан Деспотовски од ОФК Београд, во одбранбената линија“ – изјави Милевски на прес-конференцијата по соопштувањето на репрезентативниот список.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

