Никогаш не ги отпишувајте Германците: Фудбалска лекција за Франција среде Лион

Германската репрезентација веќе подолг период е во криза, но оваа селекција вечерва конечно заличи на старата велесила откако на гостински терен ја совлада Франција со 0-2. Германците доминираа на дуелот во Лион, точно знаеја што сакаат и ги контролираа темпото на игра и резултатот, заслужено славејќи со головите што ги постигнаа Флоријан Вирц и Каи Хаверц.

Нагелсман направи неколку промени во составот, камбекот на Крос беше од огромно значење, Андрич блескаше во средниот ред крај веетеранот на Реал, Кимих се пресели на десен бек, додека во нападот се стартуваше без класична „деветка“, со Каи Хаверц како најистурен помогнат од Вирц и од Мусиала.

Работата на Германците дефинитивно беше олеснета со раниот погодок, откако домаќините беа шокирани со голот што Флоријан Вирц го постигна веќе во седмата секунда од мечот, со прекрасен удар од околу 25 метри. Франција имаше повеќе од поседот на топката во првиот дел, но дисциплинираната германска одбрана најде начин да ги неутрализира Мбапе и Турам.

Во вториот дел избраниците на Нагелсман поведоа и со 0-2, Мусиала одлично втрча од позадина, го мина и голманот Самба, по што несебично го проигра Хаверц кој стрелаше во мрежата. Французите го одиграа катастрофално ова второ полувреме, имаа бројни загубени топки на сопствената половина и само благодарение на голманот Самба и неефикасноста на Германците во последните дваесетина минути овој меч заврши само со два гола во мрежата на „триколорите“.

Се вчитува...