Никогаш не ја отпишувајте Барса, Рајо прерано славеше и зажали

Барселона ја продолжи серијата добри игри и победи без повредениот Лионел Меси откако каталонскиот гигант вечерва славеше над Рајо Валјекано со 2-3. Избраниците на Валверде добро се испотија да стигнат до цел плен ако се знае дека до 87. минута беа во негатива од 2-1, но покажаа карактер и собрааа сили за целосен пресврт во самата завршница и ја зголемија предноста на врвот од табелата.

Луис Суарез биеше прецизно во раната фаза од натпреварот и најави лесна победа на Барселона, но работите не се одвиваа според планот на гостинскиот тренер Валверде. Позо израмни на 1-1 во 35. минута, а потоа пред крајот на првиот дел Барса го погоди и дирекот од домашниот гол. Пресвртот беше комплетиран во 57. минута, откако првиот обид на фудбалерите на Рајо заврши во дирекот, но топката се одби до Гарсија, кој од непосредна близина ја смести во мрежата. Домаќините делуваа дека се на прагот на сензација, но таа сепак изостана.

Сепак, каталонскиот гигант не се предаде, туку во 87. минута стигна до израмнување со прецизниот удар на Дембеле, по една спуштена топка од Жерар Пике. И тоа не беше се бидејќи на самиот почеток од судиското продолжение повторно блесна Луис Суарез, кој се најде осамен на пет метри крај вториот дирек и го матираше голманот Гарсија, кој повторно доби предност во однос на нашиот Столе Димитриевски.

Барса со вечерашната победа сега има 24 бода, четири повеќе од Атлетико Мадрид и „плус седум“ во однос на Реал Мадрид. Алавес исто така има 20 бода како и Атлетико, но и меч помалку со можност овој тим да биде осамен на второто место на табелата, доколку остане непоразен на утрешното гостување против Еибар.

Се вчитува...