Селекторот Марјан Илиевски се соочува со огромни главоболки околу составот на нашата сениорска кошаркарска репрезентација по бројните откази што ги доби на еден месец до стартот на претквалификациите за СП 2026, во кои Македонија за противници ќе ги има Романија и Унгарија. Новиот селектор и раководството на федерацијата на воведната прес-конференција најавија дека посакуваат подобри времиња за националниот тим, со играчи желни за докажување кои ќе играат под посебен набој за државните бои, но се чини дека процесот на подмладување ќе биде дополнително забрзан, и тоа принудно.
Се уште се одолговлекува со конечниот список на кошаркари најмногу поради чекањето на конечната одлука од Ненад Димитријевиќ. Најдобриот македонски кошаркар нема прифатено да заигра во август за националниот тим наспроти пишувањата дека дал зелено светло за настап, напротив – сигналите од Димитријевиќ се негативни, но стручниот штаб на чело со Илиевски е во исчекување на неговиот конечен одговор, по што ќе биде познат и конечниот список на повикани играчи за овие претквалификации.
Она што е дефинитивно, Македонија во своите редови ќе го нема долгогодишниот капитен Војдан Стојановски, кој секогаш беше тука за националниот тим, но побарал летово поради семејни причини да го пропушти претстојниот прозорец. Во составот ќе го немаме ниту искусниот Бојан Крстевски кој ја завршува репрезентативната кариера, како и Андреј Маслинко, кој е далеку помлад од своите колеги од МЗТ Скопје, но како причина за неиграњето навел повреда на грбот. Уште поголем проблем за стручниот штаб ќе биде немањето на ниту еден натурализиран кошаркар во составот, што е посебен проблем за центарската позиција, каде на располагање ќе бидат Кaкруки, Хот и Лејсон Зеќири.
Стојан Ѓуроски би требало да биде најискусен во македонскиот национален тим, каде се повикани бројни поранешни младински и кадетски репрезентативци. Така, сениорско деби се очекува да имаат Стојковиќ и Андреј Митревски од Феникс, потоа Никола Јаничиќ, а шанса се очекува да добие и Лука Савичевиќ, по добрите игри во американската НЦАА-лига минатата сезона.
Улогата на лидер во овој циклус се очекува да му припадне на Андреј Јакимовски, одличниот крилен кошаркар кој по завршените обврски во САД меѓу последните ќе се приклучи на подготовките, но сигурно ќе биде значаен адут во обидот да се стигне до место во главните квалификации за мундијалот.
Проблеми има многу, но ентузијазмот е огромен, конечно да се изврши целосна смена на генерациите и да се сврти нов лист. Почетокот дефинитивно нема да биде лесен, но заедничка желба на сите е оваа млада репрезентација во годините што следат да почне да ја радува македонската кошаркарска јавност, чувство што го имаме заборавено во последните десетина години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

