Долго време Унаи Емери чекаше на својата прва победа во тренерската кариера над Пеп Гвардиола, но шпанскиот стратег тоа го направи во голем стил, откако во 14. дуел против каталонскиот стручњак со својата Астон Вила славеше над Манчестер Сити со 1-0.
Резултатот е минимален, но конкретните статистички бројки најдобро покажуваат колку Гвардиола беше без решение за тактичката маестралност на својот ривал од спротивната страна. Бројот на шутеви беше неверојатни 22-2, а двата удари на Сити беа во иста минута, кога Халанд од две одлични ситуации во првиот дел не успеа да го совлада Мартинез.
Тоа е најмалиот број на шутеви на Сити откако Гвардиола е на чело на овој тим, најмногу шутеви на противнички тим откако Гвардиола го води Сити, а синоќа беше и првиот дуел на Сити под овој стручњак на кој „граѓаните“ не изведоа ниту еден единствен корнер.
„Астон Вила беше подобра, одиграа фантастичен натпревар, а ние имавме проблем да се вратиме, да бидеме агресивни. Не бевме без желба, се боревме, тие едноставно беа подобри“, изјави Гвардиола.
Манчестер Сити веќе четврти меч во низа не знае за победа во Премиер-лигата, по што актуелниот првак веќе заостанува шест бода зад лидерот Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА