Јувентус се наоѓа во сериозна резултатска криза, се поизвесно е дека Алегри летово ќе биде отпуштен и нема да ја одработи последната година од договорот, но директорот Џунтоли се соочува со огромни проблеми околу играчкиот кадар за наредната сезона.
Имено, речиси сите преговори што Јувентус во последните месеци ги водеше за продолжување на соработката со стандардните првотимци завршија неуспешно. Прв нога повлече Алекс Сандро, откако искусниот лев бек ја одби понудата и објави дека сака да се врати во родниот Бразил. По негови стапки тргна и Адриен Рабио, за кого долго време се веруваше дека е на добар пат да потпише нов договор со „старата дама“. Сепак, Французинот во меѓувреме се премисли па сега е решен да си замине на крајот на сезонава, и тоа како слободен играч без никаква отштета за Јувентус.
Федерико Киеза летово ќе влезе во последната година од договорот со Јувентус, италијанскиот репрезентативец има на маса понуда за продолжување на една дополнителна сезона, но не сака да потпише додека не види кој ќе биде тренер на Јуве. Доколку тоа биде Алегри, Киеза дефинитивно ќе си замине, а доколку Џунтоли избере тренер по мерак на крилниот офанзивец, тој ќе потпише до 2026 година.
Последниот проблем со кој се соочи Јувентус беа преговори со Шчесни. Голманот е еден од најплатените фудбалери во тимот со 6,5 милиони евра годишна заработувачка, а Јуве му понуди двогодишен договор за сума од четири милиони евра по сезона, плус богати бонуси. Се веруваше дека полскиот ветеран ќе потпише, но и тој во меѓувреме се премисли и ја одби понудата на Џунтоли.
Финансиските проблеми на Јувентус се реалност, а овие заглавени преговори само го отежнуваат обидот најтрофејниот италијански клуб да се врати на старите патеки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА