Никој одамна го нема понижено Партизан како што тоа го стори Ефес

Шансите на Партизан за пласман во разигрувањето во Евролигата дополнително се намалија откако белградските „црно-бели“ вечерва загубија уште еден меч на домашен терен, овојпат од Анадолу Ефес со преубедливи 65-97. Ниту еден противник во последните години го нема надиграно Партизан во преполната белградска „Арена“ како што тоа вечерва го сторија кошаркарите на Ефес. Турскиот тим доминираше од почеток до крај, стигна до двоцифрена предност што ја зголемуваше како што одминуваше времето, на крајот славејќи со „плус 32“.

Жељко Обрадовиќ немоќно следеше како неговиот тим е демолиран, а разочараните навивачи со свирежи ги наградија своите миленици за апсолутното незалагање и прераната капитулација на овој натпревар. Ефес погоди 11 тројки од 24 обиди (Партизан имаше 5/30 од далечина), но главен проблем на „црно-белите“ беше катастрофалната енергија со која влегоа во мечот, нешто што мотивираниот турски состав знаеше да го искористи. Томпсон со 19 и Брајант со 18 поени беа најдобри поединци во таборот на Ефес, додека кај Партизан двоцифрени беа само Бонга и Тајрик Џонс, со по 11 поени.

Европскиот првак Панатинаикос славеше над Алба со убедливи 91-81, пред се благодарение на фуриозниот финиш на „зелено-белите“. Гостите од Берлин имаа предност од шест поени во четвртата четвртина, но избраниците на Атаман одлично го завршија мечот, славејќи со конечни „плус 10“. Грант со 19 и Нан со 18 поени беа најефикасни во таборот на ПАО, додека Томас со 14 поени беше прв стрелец на Алба.

Барселона триумфираше пред своите гледачи над Жалгирис со 82-70, меч во кој блескаше Бризуела со 20 поени, 16 поени за победничкиот состав постигна Андерсон, а 14 Кевин Пантер.

Се вчитува...