Никој веќе не е сигурен во Сити: Гвардиола отпишува уште една „ѕвезда“ на „граѓаните“

Пеп Гвардиола создаде шампионска династија во Манчестер Сити, но трофејниот стратег во последните години влезе во конфликт со неколку првотимци кои еден по еден го напуштаат клубот, во обид да се направи целосна реконструкција на играчкиот кадар.

Прв нога повлече десниот бек Кансело, по него со Гвардиола конфликт имаше и англискиот репрезентативец Кајл Вокер, кој беше испратен на позајмица во Милан. Кевин де Бруине шокантно не доби ниту понуда за нов договор и белгискиот генијалец летово како слободен играч ќе го напушти клубот, а заедно со него низ излезната врата се очекува да мине и Бернардо Силва.

Португалецот седум години ги брани боите на Манчестер Сити, во минатото често беше фален од Гвардиола, посочуван како еден од клучните играчи во освојувањето на трофеите, но тоа повеќе не е случај. Силва веќе нема улога на стандарден првотимец, а англиските медиуми јавуваат дека на неговиот агент веќе му било соопштено да бара нов клуб за Бернардо за летниот преоден рок.

Со оглед на лојалноста покажана од Португалецот, се очекува Сити да бара минимална отштета од не повеќе од 20 милиони евра, се со цел да го забрза заминувањето на овој фудбалер, а потоа и на негово место да донесе ново засилување.

Се вчитува...