Никола Ѓоргиев ја збогати својата богата колекција на трофеи со шампионска титула во Словенија, откако со тимот на Љубљана славеше со максимални 3-0 во финалето од плејофот против Калцит. Успехот е уште поголем ако се знае дека Љубљана не знае за пораз цела сезона во словенечкиот шампионат, прв ваков подвиг во историјата на одбојкарското првенство на Словенија.
Охрабрени по големиот триумф од 2-3 на гостински терен на вториот меч, Ѓоргиев и соиграчите одиграа супериорно на денешниот трет дуел, користејќи го домашниот терен за убедлива победа од 3-0 во сетови. Љубљана тргна супериорно, на самиот почеток од првиот сет поведе со 14-7, на крајот обивајќи го сетот со 25-18. Тоа беше најава за сигурна игра во остатокот од мечот, па тимот на Ѓоргиев славеше со 25-20 во вториот, потоа и со 25-21 во третиот сет и враќање на тронот на словенечката одбојка.
Најдобриот македонски одбојкар беше играч број 1 и на денешниот трет финален меч, со 18 поени давајќи значаен придонес во победата и освојувањето на нов трофеј во неговата фантастична кариера.
Никола Ѓоргиев и во следната сезона ќе го носи дресот на Љубљана откако неодамна потпиша нов договор со овој клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА