Македонската одбојкарска репрезентација со два порази, од Јапонија и од Грција, и една победа од 3-2 против Египет го заврши својот настап на интернационалниот турнир „Чајка“ како финална подготовка за настапите на Европското првенство кое од 30. август стартува во Скопје.
Македонија, се чини, одигра потпросечен меч синоќа против Грција доживувајќи убедлив пораз во три сета, што секако донесе незадоволство и кај капитенот Никола Ѓорѓиев кој не можеше да го сокрие револтот по натпреварот…
„Не сум задоволен од овие натпревари на турнирот, затоа што играме добро но не победуваме. Против Грција во добар дел сегменти не ни одигравме добро, и затоа се извинувам на навивачите кои не бодреа што не им подаривме подобра партија. Да бидам искрен, јас ги мерам натпреварите единствено според резултатот. Значи, за мене воопшто не е важно дали играме добро ако не победуваме. Бев посреќен кога игравме лошо против Белгија или Хрватска, ама победувавме“ – истакна по синоќешниот пораз Ѓорѓиев и дополни:
„Чувствувам голем бес во мене, затоа што мора да почнеме да мислиме резултатски, мора малку повеќе да мислиме на менталниот склоп. И се надевам дека на Европското првенство ќе корегираме нешто, и на психолошки план, па ете нека и играме лошо ама да победуваме. Мора да бидеме поагресивни, со поголема желба за победи, со поголема самодоверба и со поголема ментална цврстина. Репрезентациите на Данска и Црна Гора, според мене, не се така силни селекции како Грција и Јапонија и затоа верувам и мислам дека ќе успееме да се радуваме на европското првенство. Но, мора малку да промениме и мотивот во себе, мора повеќе да дадеме за овие навивачи“.
Македонија настапте на Европското првенство ги почнува на 30. август со пресметката против Данска во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА