Никола Ѓоргиев: Можеме повторно на ЕП иако паузата ќе биде предолга

Македонската одбојкарска репрезентација е меѓу „жртвите“ на пандемијата на коронавирусот. Поради вирусот нашиот национален тим нема да има никаква активност летово со оглед на откажувањето на Златната Европска лига и на поместувањето на квалификациите од терминот август – септември за јануари следната година. Капитенот на националниот тим, Никола Ѓоргиев, вели има намера повторно да го предводи тимот на ЕП и затоа и потпишал за клуб во Турција, за да биде во посилна лига и во добар натпреварувачки ритам.

Искрено, јас повеќе бев за септември бидејќи би имале повеќе време да се подготвиме и да бидеме заедно меѓутоа во ситуацијата со COVID-19, јануари е најразумниот и најдобриот термин. Во очекување сум на распоредот на турската лига за да видам кога ќе завршиме во декември за да знам колку дена би имал за подготовки. Среќа е што играм во Турција и сигурно и тие ќе сакаат повеќе да тренираат заедно и затоа мислам дека од таа страна имам среќа што ќе бидам во Турција бидејќи во ист кош сме“.

Со оглед на промената на форматот на квалификациите, нашиот тим наместо со сите противници да игра натпревари дома и во гости ќе одигра два турнира, првиот во Данска, а вториот на домашен терен, во Македонија. Ѓоргиев малку стравува од предолгата пауза меѓу двата последни собири на репрезентацијата.

„Многу работи ќе зависат и од другите интернационалци и нивните лиги бидејќи дефинитивно ќе ни треба малку повеќе време да се воиграме особено што последниот заеднички натпревар ќе ни биде победата над Словенија година и пол претходно. Тоа се прашањата кои малку ме мачат меѓутоа па од друга страна сме играле заедно повеќе од седум години, секоја година по ред и мислам дека нашата врска и воиграност во репрезентацијата со сите репрезентативци е како возење велосипед – не се заборава“.

Никола Ѓоргиев следната сезона ќе биде дел од турскиот прволигаш Инегол Беледијеспор. За капитенот ова ќе биде втора авантура во Турција, откако претходно од 2010 до 2014 година ги бранеше боите на Малаја Мили Пјанго. Покрај во Турција во кариерата Ѓоргиев настапуваше и за екипите на Раднички Крагујевац, Волеј Форли, Парис Волеј, Торај Ароус, Онико Варшава, Осака Блејзерс и Фридрихшафен.

 

 

 

Се вчитува...