Никола Ѓоргиев: Не се плашиме, сме ги победувале Словенците…

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Борба за осминафинале. На патот на Македонија стои исправена како Триглав селекцијата на домаќинот Словенија, која ќе ја има поддршката на фановите од трибините, а има и завиден квалитет, поткрепен со три победи во првите три натпревари од групата Ц што се игра во Љубљана. Но, по синоќешната победа максимални се мотивите и кај македонските одбојкари. Да прикажат уште една добра игра и како што вели капитенот Никола Ѓоргиев, да уживаат во одбојката.

„Борба до самиот крај. Имаме шанси и за осминафинале и се додека ги имаме – ќе оставиме срце на терен. Треба да уживаме во одбојката, тоа синоќа ни успеа и ни го донесе првиот триумф. Сме играле против Словенија и сме ги победувале, не се плашиме. Веруваме во нашите можности, иако мораме да имаме респект за одличните квалитети на Словенците“, вели Никола Ѓоргиев пред последниот меч на Македонија во групниот сегмент.

Пресметката меѓу Македонија и Словенија е закажана за 17.30 часот во арената „Стожице“.

 

Се вчитува...