Еден од најдобрите спортисти на сите времиња на Македонија, Никола Ѓоргиев уште еднаш, четврти едноподруго пат, ќе ја предводи македонската одбојкарска репрезентација на Европско првенство.
Македонија, по денешната победа над Грузија, ќе биде дел од најдобрите одбојкари на Стариот континент и во 2026 година, сето тоа како потврда на континуитет на оваа генерација одбојкари која долго време ја радува македонската јавност.
„Нормално е Македонија веќе да биде учесник на Европските првенство. Нормално е веќе Македонија преку одбојката да биде дел од најдобрите во Европа! По онаа 2017 година кога загубивме и не се пласиравме на ЕП, малку кој можеше да верува дека можеме низ годините потоа да дојдеме до едни вакви континуирани учества меѓу најдобрите во Стариот континент. Сега сме горди што навистина по четврти пат имаме место меѓу најдобрите во Европа“ – рече Ѓоргиев возбудено по денешната победа во СЦ „Борис Трајковски“, и дополни:
„Македонија е горда…, и треба да биде горда. Со гордост ќе го паметиме и денешниот ден на кој обезбедиме учество на уште еден собир меѓу најдобрите. Ова е уште еден ден за нашата историја. Сега ни треба одмор, затоа што верувајте не сум спиел неколку ноќи по оној меч во Атина, затоа што сите премногу сакавме да не ја испуштиме оваа можност. И затоа сега ни треба одмор, а потоа максимална подготовка и за се што ќе не очекува овој период во желбата да продолжиме со успесите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

