Никола Ѓоргиев е најзаслужниот што Македонија веќе не е случаен, туку редовен учесник на европските одбојкарски шампионати, па капитенот на нашиот национален тим без дилема ќе биде наш клучен играч и на претстојниот европски шампионат што почнува во Скопје.
Прв ривал на Македонија ќе биде селекцијата на Данска (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“), добра можност за победнички старт на шампионатот, но Ѓоргиев предупредува дека не смее да се дозволи да се изгори во преголемата желба за триумф пред сопствените навивачи.
„Јас се надевам дека ќе бидеме една помудра репрезентација за разлика од претходните две европски првенства, на кои изгоревме во желбата за победа на тие премиерни натпревари кои беа многу значајни за нас. Сега сме и поискусни од одбојкарски план, ова е наш трет европски шампионат, поискусни сме и како луѓе кои знаат како да ги контролираат емоциите, така што се надевам дека таа „замка“ – прв натпревар на „живот или смрт“ ќе биде нешто на што ќе реагираме на вистински начин“, вели Ѓоргиев.
Тој е свесен дека задачата на денешниот дуел со Данска нема да биде нималку лесна, но верува во конечен успех.
„Репрезентацијата на Данска ја гледавме и добро ја анализиравме. Против себе ќе имаме сериозен ривал, репрезентација што многу напредуваше во последните години, од нив го претрпевме оној најболен пораз во финалето од Сребрената лига во Струмица и јасно ни е дека вечерва ќе имаме исклучително тешка задача. Одиме во борба, верувам дека со помош на публиката од трибините на крајот сите заедно ќе се радуваме“, оптимист е македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА