Капитенот на македонската машка одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, од денеска е нов играч на Карловарско, актуелниот лидер и најдобар тим во чешката Екстралига.
37-годишниот коректор, кој во првиот дел од сезоната 2025/26 играше за романскиот Рапид Букурешт, го напушти тимот и се приклучи на амбициозниот чешки состав кој оваа сезона се бори за титулата во едно од најквалитетните првенства во Европа.
Ова ќе биде прво искуство на Ѓоргиев во чешкото првенство, а трансферот доаѓа во клучен момент, токму пред настапот на Македонија на Европското првенство во септември, каде нашиот национален тим ќе се обиде да направи чекор напред.
„Ова ми е 21-ва сезона како играм во странство и ќе ми биде првпат во Чешка. Многу сум среќен што се приклучувам на успешниот клуб ВК ЧЕЗ Карловарско, кој досега имаше одлична сезона. Се надевам дека сите ќе останеме здрави и дека ќе ја продолжиме добро започнатата сезона и ќе ги оствариме сите наши цели. Со нетрпение очекувам да ве сретнам сите во Салата за балски спортови и се надевам дека ќе освоиме уште многу натпревари и трофеи“, изјави Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

