НИКОЛА ЃОШЕВСКИ: „Дупло е потешко македонски фудбалер да реализира трансфер без ЕУ пасош… Огромна грешка е што младите заминуваат на 15 години надвор!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, заедно со Влатко Грозданоски, гостин и најголемиот македонскиот фудбалски агент, Никола Ѓошевски.

Човекот кој се грижи за кариерата на најдобриот македонски фудбалери Елиф Елмас, но и за голем број други македонски репрезентативци и млади талентирани фудбалери, меѓу бројните теми на разговор, очекувано и со осврт на темата околу реализацијата на трансферите на македонските фудбалери.

Ѓошевски со совет до младите македонски фудбалери да не брзаат со заминување во странство на свои само 15-16 години, без притоа да го „вкусат“ домашниот сениорски фудбал. Па, потоа како безмалку готови фудбалери да реализираат трансфер на интернационалната сцена. Како што беше случај со голем број докажани македонски репрезентативци во минатото.

Никола Ѓошевски нагласува и дека многу е потешко за македонските фудбалери да обезбедат трансфер во силните европски лиги без ЕУ пасош…

„Голема е предноста за фудбалерите кои доаѓаат од ЕУ земји. Мислам дека јавноста веќе знае дека речиси секаде има лимит на странци. Па, важат ЕУ закони и во фудбалот, дополнети и со фудбалските закони, што претставува сериозно ограничување за македонските фудбалери. И слободно може да се каже дека дупло е потешко да се работи со наши македонски фудбалери, токму поради тоа што немаме голем фудбалски рејтинг, и второ, не сме ЕУ земја, немаме ЕУ пасош. Многу пати во преговорите со многу клубови од надвор, предност добиваат играчите што имаат ЕУ пасош, бидејќи тие клубови немаат место за странци, или имаат само едно место, и тоа место го бираат помеѓу играч од Македонија, играч од Бразил, играч од Африка, коишто, пак, имаат поголема пазарна вредност а од друга страна во многу ситуации се и поевтини. И затоа досега се продаваат надвор само најјаките наши фудбалери. Не може да се продаде среден квалитет, поради тоа што нема место. Нема место за странци. А, квалитетот на еден фудбалер, дали е јак или е среден, го проценуваат од надвор, така да тие клубови знаат што земаат и затоа сме сведоци дека од тука се продаваат само најдобрите“ – вели Ѓошевски и дополнува:

„Има една погрешна политика на одење надвор предвреме на тие наши млади фудбалери, што е сега актуелно последните години, и кое што е тотално погрешно, заради тоа што процесот на одење надвор, и порано било така и сега е така, треба да биде со докажување најпрво во сениорскиот домашен фудбал. Младиот играч за да оди надвор за да направи трансфер, мора да се покаже во сениорскиот фудбал дека вреди, па да оди надвор, а не само како талентиран играч да оди на 15 години надвор. Тоа е погрешно. Не велам дека нема шанси да се успее, но тие шанси се многу минимални. Статистички гледано наназад, сите фудбалери коишто успеале да се продадат надвор, 99% имаат играно во сениорски фудбал кај нас една или две години. Тргнете од Елиф Елмас, две години Работнички – сениорски фудбал, тргнете и од овие новите, ајде да речеме Лука Станковски, Давид Тошевски…, па, од постарите, Горан Пандев, Васовски, Влатко Грозданоски, Седлоски, Артим Шаќири…. Наназад 30 години сите трансфери на нашите успешни фудбалери биле преку играње во Македонија на сениорски фудбал. Речиси и да нема примери или се многу ретки, можеби Барди е еден од тие примери, коишто немаат играно тука сениорски фудбал, но 99% нашите играчи мора да се докажат во сениорски фудбал. Докажувањето во сениорски фудбал тебе те прави да си подготвен за надвор, и зрел, и фудбалски, ментално, бидејќи со заминувањето во странство на 15 години, ти одиш само како некаков си талент, но не си уште сериозен играч. Процесот на созревање после на 16 до 18 години, кога си пред прва екипа, е многу потежок надвор, отколку тука“.

Ѓошевски со совет до родителите на младите фудбалери да не се брза со заминување во странство по секоја цена…

„Поради тоа, мислам дека се прави една огромна грешка, тоа е популарно овие години, со одење надвор на прерана возраст одење надвор на многу играчи, коишто после се соочуваат со многу проблеми, фудбалски проблеми, фамилијарни проблеми, финансиски проблеми, бидејќи на сите тие деца што одат надвор предвреме, финансирањето го прават самите родители. Тоа не го финансира клубот“.

„Мој став е родителите на тие младите играчи да бидат потрпеливи, да го чекаат процесот на развој на еден помирен начин и да не прават притисок врз самото дете дека треба некаде да се оди. Затоа што тоа што примерот кој ви го давам, сега е обратно. Речиси и да нема такво дете кое што на таков начин успеало, бидејќи надвор треба да одат најдобрите, а не да одат средно добрите. Ете, тоа е мое мислење во поглед на тоа како се прават трансфери, кои одат надвор и зошто Македонија како мал пазар и како не ЕУ земја, е тешко за некои играчи да направат трансфер. Има ФИФА правила, има ФИФА исклучок. Тоа се два исклучоци, ако фамилијата работи надвор и детето оди со нив, тоа е едно, и второ, ако се живее 50 километри до граница и се игра во клуб којшто е 50 километри после таа граница. Само во тие два случаи е познато правилото ФИФА ‘мајнор трансферс’, кај што може ФИФА да го одобри трансферот. Во сите други случаи со наш пасош, македонски пасош, дете до 18 години не смее да оди надвор“ – вели Ѓошевски.

===================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...