Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин и најголемиот македонски фудбалски агент, некогашен член на златната вардарова генерација од 2003 година, Никола Ѓошевски, човекот кој се грижи за кариерите на бројни македонски репрезентативци меѓу кои и Елиф Елмас.
Ѓошевски, еден од ретките Македонци директно инволивиран и во европските случувања со бројни силни контакти на фудбалската сцена, меѓу серијата теми за разговар во „ПРЕСИНГ“ се осврна и на изминатите наши репрезентативни години кои, според него, се и тоа како успешни и над нивото кое ние реално го заслужуваме согласно ресурсите со кои располагаме.
„Нашата репрезентација последниве години покажа еден голем квалитет, со оглед на тоа со какви ресурси располагаме, со оглед на тоа колку сме мали, од каде доаѓаат нашите играчи, мислам дека и А-репрезентацијата и нашите млади селекции вадат еден максимум. Играм против репрезентации за кои што многу е тешко да се процени кој е подобар. Кои се тие мерни единици коишто ние ги земаме, за да ние споредиме дека сме подобри од една Молдавија, на пример. Кои се тие показатели со коишто ние сме повеќе од Белгија, или сме послаби од Белгија“ – вели Ѓошевски во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:
„Луѓето кои што работат фудбал многу добро знаат дека со овие ресурси кои што ги имаме, инфраструктурни, финансиски, па и како мала земја, имаме репрезентативен период кој може да се оцени како многу позитивен. Успесите кои што се правеа и со младата репрезентација и со А-репрезентацијата, ги ставам на едно повисоко ниво, од тоа што реално ние заслужуваме. Секогаш нашата јавност, нашата публика со право ќе има очекувања и сега. Меѓутоа, јавноста ги нема точните информации. Јавноста ги нема информациите од типот колку буџет има еден шампион на Албанија, колку буџет има еден шампион на Молдавија, колку буџет годишен има еден шампион на Бугарија, колку буџет годишен има еден шампион во Белгија. Кога ќе ги ставиме тие бројки, што се бројки, не се мислења, ќе дојдеме до еден заклучок дека успесите се големи кои што ги прави нашата репрезентација“.
Според Никола Ѓошевски, сериозен удел во тие успешни настапи на националниот тим има досегашниот селектор Благоја Милевски.
„Сигурно дека тука има удел и досегашниот селектор Боби Милевски, бидејќи тој долги години беше селектор и на млада, околу шест години, и на А-репрезентација околу четири години, што е вкупен период од десеттина години. Многу добро ги знае карактерите на овие фудбалери. Сигурно дека со неговиот квалитет тактички, фудбалски, човечки, има еден голем придонес во тоа“.
Но, сега Македонија, и со новиот селектор Гоце Седлоски мора да гледа напред, а репрезентацијата мора да добие единствена поддршка од сите за што поуспешен настап во баражот за СП 2026.
„Сите тие циклуси во фудбалот имаат крај. Со сета почит и со секоја чест и на нашиот селектор Боби Милевски, кој што ги направи тие успеси, Македонија сега влегува со една нова енергија, со еден нов селектор, при што многу не треба да гледаме назад, треба да гледаме напред, треба да дадеме поддршка на сите луѓе во фудбалот заради тоа што интересот е Македонија, и со една нова енергија да мислиме само напред, да не се враќаме назад. Со очекувања за добри игри, бидејќи сега имаме играчи кои што играат стандарно во своите клубови, имаме право да се надеваме дека против Данска можеме да направиме еден добар резултат, бидејќи е само еден натпревар. Да дадеме поддршка на овие фудбалери и да се надеваме на еден позитивен резултат кој што ќе ја израдува македонската јавност. Но, исто така и ако не успееме, не треба да гледаме на тоа како некоја трагедија. Едноставно треба да се фокусираме на уште повеќе работа и да создаваме фудбалери, да создаваме играчи, и сигурно дека ако се работи правилно, во еден иден период ќе имаме уште вакви успеси“ – вели Ѓошевски.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

