Се приближува историскиот меч на македонската репрезентација, утревечер на „Драгао“ против моќната Португалија, а нашите фудбалери на трибините на „Драгао“ ќе имаат поддршка од спортист кој знае како се земаат скалпови од фаворити. Ракометниот репрезентативец Никола Митревски веќе втора сезона го брани голот на Порто и веќе се адаптираше на животот во оваа португалска метропола која живее за фудбал.
Според нашиот голман, еуфоријата околу баражот за пласман на СП 2022 се интензивираше во последните денови, по триумфот на Португалија над Турција, но и неочекуваниот пораз на европскиот првак Италија од македонскиот национален тим.
„Како што се приближува, така расте и еуфоријата во Порто околу утрешното финале. Интерес имаше и пред полуфиналето, но по победата над Турција сите дополнително се „запалија“, особено откако Македонија ја шокираше Италија во вториот полуфинален дуел. Натпреварот со Македонија е „меч на годината“ и Португалците се свесни дека се фаворити, но и дека таа улога ќе мора да ја оправдаат на терен“, истакнува Митревски во разговор за ЕКИПА.
Потешкиот дел од задачата за португалските фанови беше да се стигне до билет за пресметката со Македонија.
„Беа навистина неверојатни глетки, редици од по 400-500 метри, луѓе кои чекаа со часови за да дојдат до тоа драгоцено парче хартија – билет за финалето. Имам соиграчи од ракометниот клуб кои чекаа неколку часа, па се откажаа откако им стана јасно дека нема да стигнат на ред да купат влезница. Јас имам билет благодание на Фудбалската Федерација на Македонија и дефинитивно ќе бидам присутен на трибините и ќе ги бодрам нашите репрезентативци“, вели Митревски.
Неблагодарно е да се прогнозира еден ваков меч во кој противникот е голем фаворит, но Митревски е убеден – Македонија нема да се предаде без борба.
„Не е никаква тајна дека Португалците се големи фаворити, и поради квалитетот и поради фактот дека играат на својот стадион. Сепак, она што ја краси спортска Македонија е заедништвото и тимскиот дух, тоа е она што ние со години го имаме во ракометната репрезентација, а сега го гледам и кај фудбалската селекција. Тоа ни дава за право сите да сонуваме за нов одличен резултат по онаа победа во Италија. Во едно не се сомневам, нашите репрезентативци ќе се борат до последниот атом на силите бидејќи се свесни дека ова е историска шанса за нив и за цела Македонија. Во спортот се случуваат изненадувања, а ние сите имаме верба во ново чудо“, порачува Никола Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА