Никола Серафимов промовиран во Мол Фехервар

Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов и официјално е нов член на Мол Фехервар. Тој се приклучува во екипата откако мина една сезона во Залаегерцег, каде што беше еден од најдобрите во овој тим, и сега се пресели во подобар клуб во Унгарија.

Серафимов истакна дека му е чест што ќе игра во еден од најдобрите клубови во земјава кој има шампионски амбиции.

„Откако играм во Унгарија видов дека Мол Фехервар е еден од најдобрите клубови во земјата. Сум играл веќе еднаш како противник и ја доживеав одличната атмосфера на стадионот. Не размислував многу за понудата. Сакам да му помогнам на тимот да ги постигне своите цели. Овој тим секогаш има големи амбиции во првенството, а драго ми е што ќе настапувам и во Европа во Лигата на Конференции. Би сакал тука да стигнеме што е можно подалеку, во групната фаза“, рече Серафимов. 

Серафимов една година настапуваше за Залаегерцег, а претходно беше дел од Академија Пандев, Јихлава, Брегалница, Пелистер. Потекнува од фудбалската школа на Вардар, а играше и за првиот тим на „црвено-црните“.

Се вчитува...