Иконата на германски Мајнц, Македонецот со најголем број настапи во Бундеслигата, Николче Новески остави силна трага и во македонската фудбалска репрезентација со одиграни 64 натпревари и постигнати пет погодоци. Беше незаменлив дел од националниот тим под водство на Среќко Катанец. Сега, еден од аналитичарите на ЕКИПА за ЕВРО 2020.
Колку значи за Македонија пласманот меѓу најдобрите во Европа?
„Самиот пласман на Европското првенство е навистина одлична работа. Оваа генерација го исполни сонот на сите нас, со пласманот на едно големо натпреварување. Самото место меѓу најдобрите сигурно е од огромно значење и за фубалот, но и за државата воопшто. Но, не треба да останеме само на тоа. Мора максимално да го искористиме овој момент и за дополнителна промоција пред цела Европа на нашата фудбалска игра“.
Новески беше дел, исто така, од една одлична генерација на Македонија, но не успеа да дојде до можност за настап на Европско првенство.
„Добро, да бидеме реални, новоформираната Лига на нации го олесни тој пат, за разлика од нашето време. Но, мислам дека одлучувачки фактор за успехот е и одличниот среден ред кој сега го има овој тим. Барди, Адеми и Елмас е клучната тројка која ја направи разликата во квалитет во однос на некои претходни генерации. Навистина одличен среден ред, и кога на тоа ќе се надополни хомогеноста и, како што постојано читаме, одличната атмосфера во тимот, тогаш ете ја причината за успех“ – истакнува еден од најдобрите дефанзивци во историјата на македонскиот фудбал.
Што би можело да се оцени како успех од нашиот настап на ЕВРО 2020?
„Мислам дека имаме навистина добар тим кој се уште не го кажал последниот збор. Имаме група која е со можност за надигрување, затоа што ги избегнавме сите оние репрезентации од самиот врв, и пласман во вториот круг натпревари сигурно би било успех. Момците треба да играат само онака како знаат и мислам дека може да се дојде до вториот круг“ – потенцира Новески, притоа дополнувајќи:
„Сите наши репрезентативци треба да знаат дека е голема чест и гордост е да се игра во дресот со државниот грб, а настапот на едно големо натпреварување е нешто незамисливо што не се менува со ништо на светот. Затоа треба да уживаат во секој момент на ЕП“.
Македонската фудбалска легенда ако треба да издвои натпревари кои засекогаш ќе ги памети од репрезентацијата, тогаш…
„Секако, засекогаш ќе го паметам дебито за репрезентацијата против Чешка. Ќе останат во долго сеќавање и натпреварите, на пример, со Холандија кога игравме 2-2, потоа против Англија со силните Бекам, Овен, Крауч, Лампард и Џерард. Исто така, ќе го паметам и пријателскиот меч со Шпанија кога водевме со 2-0, а потоа Шпанците ја покажаа својата сила и успеаја да направат пресврт“ – истакнува Новески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА