Драган Николиќ е многу блиску за повторно да спаси македонски тим во борбата за опстанок во АБА1-лигата, откако МЗТ Скопје врза три победи во низа и се наоѓа многу блиску до бегство од „фенерот“ на табелата. Србинот кој претходно успеа во таа мисија со Карпош Соколи, со денешниот триумф над Цибона најмалку на 24 часа стигна до посакуваното претпоследно место кое носи бараж.
МЗТ одигра катастрофално прво полувреме по кое губеше со 12 поени разлика, но избраниците на Николиќ направија голем пресврт со феноменалната трета четвртина што ја добија со 30-5, трасирајќи си го патот до триумфот.
„Јас не би се задржувал на анализа за играта, најважно е што победивме. Игравме против тим што е гигант во својата држава, тим што го освои Купот на Хрватска. Се навикнав на оваа одлична атмосфера во салата на МЗТ, им благодарам на навивачите што дојдоа и на овој голем празник. Овој триумф го посветувам на мојот покоен татко, кому денеска му е роденден. Исто така, роденден му е и на мојот помошник Васко Атанасов, со кого блиско соработувам и на кого му ја посветувам победата. Сакам со име и презиме да им се заблагодарам на моите соработници: Васко Атанасов, Дејан Србиновски, Миодраг Тодоровиќ и Тино Даневски, со кои соработувам одлично и уште повеќе ќе им верувам по сето она што го минавме досега заедно. Знаете дека зависиме од утрешниот меч, но ние сме МЗТ Скопје и се фокусираме само на себе. Не сакам да коментирам било што за мечот во Подгорица, не сме господари на својата судбина, но ние нашиот дел од работата го завршивме“, изјави Драган Николиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА