Николиќ и Крстевски едногласни: Немаме време за славење, најважно е да се победи во финалето

МЗТ Скопје со импресивно издание го осигура првиот билет за куп-финалето откако со извонредна игра „металците“ го декласираа бранителот на трофејот ТФТ со преубедливи 41 поен разлика.

„Дефинитивно влеговме посвежи во овој турнир, на вакви натпреварувања е многу важно ако имате повеќе одмор од противникот. Знаевме дека ТФТ беше исцрпен и емотивно и физички, го искористивме тоа. Пред се би сакал да го пофалам амбиентот, навивачите на двата клуба создадоа одлична атмосфера. Немаме време за славење, пред нас е финалето, малку да одморат играчите, да видиме кој ќе победи во второто полуфинале, па ќе се подготвиме за мечот за трофејот“, изјави тренерот Драган Николиќ.

Репрезентативецот Бојан Крстевски предупреди дека оваа извонредна победа не смее да го крене МЗТ во облаци, бидејќи најважен меч на овој турнир е токму овој утрешниот во големото финале.

„Честитки до целиот тим на МЗТ за одличната партија. Не очекував така убедлива победа, но одигравме на високо ниво во нападот и во одбраната. Радува овој убедлив триумф, но знаеме дека ако не победиме утре во финалето овој триумф ќе падне во вода. Сеедно ни е против кого ќе играме во финалето, ние сме фокусирани на нашата игра“, изјави Бојан Крстевски.

Се вчитува...