Тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ е свесен дека во финалната серија сите натпревари ќе бидат многу тешки, како што беше и првиот во салата „Јане Сандански“. Среќен што неговите избраници се опоравија по првиот пораз и се изборија за оваа значајна победа, Србинот очекува неизвесна завршница на ова финале.
„Сите бевме свесни дека натпреварите ќе бидат исклучително тешки, како што беше и првиот и сега овој меч. Во „Борис Трајковски“ сезонава се одиграа многу квалитетни натпревари и остваривме многу важни победи, заслужуваше уште еден ваков спектакл, и се надевам дека ќе го повториме истото во недела. Повторно тргнуваме од нула, МЗТ стигна да гради куќа до првиот кат, додека ние бевме во подрум, а сега стигнавме до темелите. Во оваа серија секогаш ќе има пад во играта, како и подобрувања, дали во нападот или одбраната. Серијата е долга, и секој што мислеше дека се’ ќе се реши во три меча, не разбира кошарка. Јас сум тренер на Карпош од ноември, водев досега скоро 50 официјални натпревари, исто како и мојот колега Назор и голема е психофизичката истрошеност, така да не можете да го понижувате ниту МЗТ, ниту Соколи. Во третата средба ќе видиме кој подобро се одморил и кој повеќе ја посакува победата. Се надевам дека серијата ќе оди до крај и да се решава победникот во мајсторка“ – истакна Николиќ.
Тренерот на „соколите“ по натпреварот уште еднаш се извини на кошаркарот на МЗТ Скопје, Ксавиер Темс поради недоразбирањето и прекинот на нападот на неговиот тим, кога Србинот бурно реагираше за судиската одлука додека Американецот на земја ја бараше леќата што му испадна од окото при претходниот напад.
„Сакам јавно да се извинам на МЗТ и Темс поради недоразбирањето. Јас го видов чистачот на подот до Темс и не ми беше јасна причината за прекинот на нашиот контранапад. Не видов зошто ја прекинаа играта, па реагирав поемотивно од обично. Им се извинив веднаш и на клубот и на играчот по објаснувањето поради мојата реакција, јас сум спортски џентлмен и секогаш се обидувам да се однесувам најпристојно“ – додаде Николиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА