Новиот тренер на МЗТ Скопје, Драган Николиќ, најавува добра игра на македонскиот првак на утрешното гостување против Цибона, што воедно ќе биде и негово деби на клупата на „штрковите“ од Аеродром.
Српскиот стручњак пред само два дена потпиша договор со МЗТ Скопје, така што немаше доволно време за промени во тактичките замиски во играта на аеродромци.
„Кратко време сум во Скопје, немам време за било какви промени, па во Загреб ќе одиграме со системот и начинот на игра кој и досега го красеше МЗТ. И покрај тоа, се надевам дека ќе пружиме достоен отпор и ќе сториме се за да го изненадиме големиот ривал. Цибона дефинитивно е најпријатното изненадување досега во АБА. По големите проблеми со кои овој клуб се соочуваше во пресрет на сезоната, ретко кој очекуваше дека Цибона сега ќе биде кон средината на табелата. Тимот е одлично предводен од мојот голем спортски пријател Јосип Сесар, кој е добар и талентиран тренер и кој прави чудо со составот што му е на располагање“, изјави Николиќ.
Мечот меѓу Цибона и МЗТ Скопје на програмата е утре со почеток во 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА