Десеттото коло од Лигата на Шампионите за Еурофарм Пелистер носи домашен натпревар против Загреб, натпревар кој ќе нема големо резултатско значење за македонскиот претставник, но на кој битолчани ќе целат кон првиот триумф по деветте порази.
Тоа добро го знае и тренерот на хрватскиот тим, Андрија Николиќ кој во пресрет натпреварот во „Боро Чурлевски“ изјави дека неговиот тим го очекува тежок терен и неизвесен натпревар, но и не ја пропушти шансата да упати критика за температурата во салата.
„Точно е, тие се последни на табелата и досега не освоија бод, но тоа навистина не го опишува нивниот квалитет. Еурофарм Пелистер е опасен тим, особено кога игра дома. Никој не победил лесно во Битола, секој натпревар бил многу неизвесен. Така што, очекувам навистина тежок натпревар, и поради квалитетот на противникот и поради домашните навивачи, пред кои секогаш е тешко да се игра. Ќе се подготвиме максимално и веруваме во бодовите кои ни се многу важни, бидејќи ни помагаат на можниот пат да напредуваме.
Го сменија тренерот, но играта главно остана иста. Разликата е во Кузмановск, кого го доведоа и кој е многу важен во нивната игра. Имаат добри голмани, многу добар пивот. Мораме да го сопреме нивниот контранапад и се надевам дека ќе се прилагодиме на сите услови. Таму е бучно, но и студено. Ќе ни треба смиреност на тој натпревар. Но, веруваме во себе“, вели Николиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА