Кошаркарите на МЗТ Скопје ги очекува нов сериозен предизвик во АБА-лигата, гостување против екипата на Мега. Станува збор за ривал што „металците“ го добија во својата сала во првиот круг од сезоната, но МЗТ вообичаено игра многу послабо надвор од Аеродром и е единствен тим без гостинска победа сезонава во АБА, нешто што тренерот Николиќ и неговите избраници ќе мораат што поскоро да го променат.
„Против себе ќе ја имаме најмладата и сигурно најталентирана екипа во АБА-лигата. Добро е познато колку сум јас голем фан на системот на Мега, клуб од година во година игра со се помлад тим, но и покрај се постигнува одлични резултати. МЗТ пак патува со одлично расположение, што се должи на добрата форма во моментов. Ќе дадеме се од себе да го подобриме впечатокот од претходните гостувања во овој град. Очекувам квалитетен и до крај неизвесен меч во кој двата тима ќе се борат до последниот атом енергија“, изјави тренерот Драган Николиќ.
Американскиот плејмејкер Дастин Вер исто така изрази надеж дека кревањето на формата на МЗТ може да ја донесе и првата гостинска победа сезонава.
„Пред нас е исклучително важен натпревар во борбата за остварување на примарната цел во АБА, тоа е опстанокот. Играме добро во последно време, формата е во нагорна линија, ќе сториме се за да ја искористиме позитивната енергија и да се обидеме да славиме во Белград“, прокоментира Вер пред неделниот меч, што на програмата е со почеток во 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА