Николоски: Елиминација на Шкендија за полуфинале во Купот е спас на сезоната за Победа

Победа зад себе остава лоша полусезона во шампионатот од Првата македонска фудбалска лига, па затоа прилепчани максимално се фокусирани на четвртфиналната пресметка од Купот на Македонија и желбата за пласман во полуфиналето на најмасовното домашно клупско натпреварување. Причина повеќе за тоа е што на денешниот реванш дуел против Шкендија, кој ќе се игра под „Тумбе кафе“ во Битола, влегуваат и со предност од 1-0 по првиот натпревар.

Факт е дека Шкендија е голем фаворит. Тетовци секако силно ќе атакуваат на анулирање на предноста на противникот и пласман во полуфиналето. Но, од таборот на Победа јасно порачуваат дека за нив денешниот натпревар е спас на сезоната.

„За нас како спас на сезоната е реванш мечот од Купот на Македонија со Шкендија, кој се надевам дека нема да го загубиме и дека ќе се пласираме во полуфиналето кое за нас ќе биде огромен мотив и голем успех“ – вели спортскиот директор на Победа, Јане Николоски кој неочекувано во финишот ја доби задача да го води и тимот….

„Што ќе биде после овој натпревар не знам затоа што тоа е веќе одлука на Бордот на директори – дали ќе се бара и кој ќе биде следен тренер на ФК Победа. Мене ми е доверена задача во не многу добар момент. Не е алиби, дека ако не се направи успех јас немав време. Јас ќе се обидам она што можам да го направам,  она што го имам како фудбалско знаење да го пренесам на играчите, она што е моја фудбалска филозофија на игра во овој краток период да им го наметнам за да направиме добар резултат на крајот на полусезоната“ – вели Николоски.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ЧЕТВРТФИНАЛЕ (реванш натпревари, денеска 13 ч.)

Струмица: БЕЛАСИЦА – СИЛЕКС (2-0)

Дебар: КОРАБИ – АК.ПАНДЕВ (1-3)

Битола: ПОБЕДА – ШКЕНДИЈА (1-0)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП (0-1)

  • Во заградите за резултатите од првите четвртфинални натпревари

 

Се вчитува...