ЕКИПА во Гдањск,
Владимир Булатовиќ, Никола Ѓуровски, Игор Паневски
Фудбалерот од средниот ред на Вардар, Бобан Николов заработи повреда на дуелот против Србија поради која лебди неизвесноста околу неговиот настап на утрешниот натпревар против Португалците.
Но, Николов го одработи комплетниот денешен тренинг во Гдањск, најавуваќи по крајот на истиот дека е 100% подготвен да одговори на задачите на селекторот Благоја Милевски.
„На почетокот мислевме дека се работи и за пукнатина на прстот, но сепак е полесна повреда. Како и да е, може да кажам дека сум 100% подготвен за утрешниот дуел со Португалците. Подготвен сум да одговорам максимално на секоја обврска од селекторот доколку ми се укаже шанса. Но, може да кажам и дека сме сите ние максимално желни со уште една добра игра да им се оддолжиме на сите наши навивачи, без разлика што се загубени шансите за полуфинале“ – истакна Николов, искажувајќи и еден вид тага што за многумина од оваа генерација ова ќе биде последен заеднички меч во оваа репрезентативна конкуренција.
„Минав феноменални три години со оваа генерација фудбалери. Го постигнавме најголемиот успех во македонската фудбалска историја, а сега за многумина Португалија значи и последен заеднички натпревар во оваа конкуренција. Некако се чувствува и жал меѓу нас што нема понатака да се гледаме меѓусебно. Ова беше навистина едно вистонско семејство, кое мене лично многу ќе ми недостасува… Добар дел од нас се надевам дека ќе се гледаме и во сениорската репрезентација. Пред тоа од срце сакаме утре против Португалија да одиграме нов квалитетен натпревар, и уште еднаш да ја израдуваме цела Македонија која толку многу не поддржува“ – ни изјави Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА