ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Македонија за првпат во историјата беше меѓу европските фудбалски велесили. Младите фудбалски репрезентативци беа дел од ЕП во Полска за фудбалери до 21 година, и настапот го заокружија со два порази и едно реми. Но, ги заслужија сите честитки за храбриот настап, за борбеноста, пожртвуваноста, односот и желбата со која го носеа дресот на Македонија. Го потенцира тоа и Бобан Николов, еден од лидерите на оваа млада генерација, која ќе остане како „херојска“ во македонскиот фудбал.
„Среќен сум што гордо ја претставувавме Македонија, а репер за тоа се позитивните коментари што ги добиваме од нашите македонски фанови. Им благодариме за поддршката, се трудевме со сите сили да ја претставиме нашата земја во најдобро светло и да ја оправдаме довербата. Бевме уморни на крајот, но и против Португалија игравме до последен атом од силите. Од друга страна, жал ми е што оваа генерација која живееше како едно семејство, дојде до крајот на својот пат. Сигурен сум дека оваа фудбалска авантура нема никогаш да ја заборавиме и се надевам дека во иднина ќе играме заедно и во А-селекцијата на Македонија. Истовремено, навистина ми е чест што бев дел од оваа генерација, која верувам дека постави модел како треба да се однесуваат сите генерации кои доаѓаат после нас. Македонија не треба од никого да стравува, и со сите треба храбро да се надигрува“, изјави Бобан Николов, кој херојски го издржа вечерашниот натпревар, играјќи повреден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА