Николов: Ова е катастрофа, не знам како дозволуваат да се игра тука…

ЕКИПА во Гибралтар

Еден од најдобрите македонски поединци на денешниот дуел во Гибралтар, Бобан Николов веднаш по дуелот на Пиринеите го истакна незадоволството од теренот и условите за игра на „Викторија стадионот“ во Гибралтар, нагласувајќи дека во едни такви услови најважно е што Македонија заминува со победа.

„Ова е навистина катастрофа од стадион и терен. Тоа мора да го кажам, и кога на сета таа неквалитетна вештачка трева ќе се дополни и силниот ветер навистина беше тешко да се игра. Искрено не знам како дозволуваат да се игра тука. Но, за нас е најважно што дојдовме до трите бода па сега се фокусираме на натпреварите со Грузија и со Гибралтар во Скопје“ – истакна Николов, кој ја запечати победата од 0-2.

„Да, секогаш е задоволство кога ќе се постигне гол. Но, најмалку е важен стрелецот важно е да се редат победите. Во текот на мечот ја променивме формацијата, но за нас не се важни формациите во кои играме, затоа што сме спремни за секоја задача од селекторот и секогаш исполнуваме тоа што ќе каже селекторот. Така беше денеска, и ја исполнивме нашата цел“.

Николов се осврна и на новите имиња во македонската селекција…

„Сакам да им честитам на Дени Илиев, Серафимов и Тодороски за дебито. Важно е за нив што почнаа со победа, имаа на почетокот малку трема, но ќе кажам и под вакви услови секогаш е тешко да се игра и затоа успешно го завршија дебито и се надевам дека брзо чекорат во иднина да бидат и тие носители во репрезентацијата“ – рече Николов.

Се вчитува...