Еден од најголемите адути на младата селекција на Македонија до 21 година, Бобан Николов, вели дека целиот тим се чувствува подготвено за претстојното ЕП. Потенцира дека е најважно што сите се здрави и подготвени и за најголемите предизвици, како што е силната Шпанија, која ќе биде првиот противник во Полска, на 17 јуни.
„Се чувствуваме феноменално, најважно е што сме комплетни на овие подготовки. Сите што игравме во претходниот циклус сме тука, потполно здрави и подготвени за нови предизвици, бидејќи најтешкото го поминавме. Веќе започнавме со интензивни тренинзи, па се надевам дека во следниот период ќе ги избегнеме повредите, бидејќи првиот дуел е за неполни две седмици, и тоа со Шпанија. За противниците нема потреба да се зборува нешто повеќе, сите знаеме какви квалитети и таленти поседуваат Португалија, Шпанија и Србија, но нашиот пласман потврдува дека и ние имаме што да покажеме на фудбалската публика во Полска. Ваквите големи репрезентации се мотив плус за нас, бидејќи притисокот ќе биде на нив, да обезбедат победи како фаворити, а ние ќе ја играме нашата игра, како што знаеме“ – вели Николов.
На 12. јуни репрезентацијата заминува за Полска, првиот меч е пет дена подоцна. Селекторот Милевски повика и неколку помлади фудбалери од новата генерација, а Николов смета дека тие ќе бидат вистинско озвежување.
„Новите играчи се тука бидејќи поседуваат квалитет. Голем дел од нив имаат статус на првотимци во клубовите каде што играат, а таму покажаа дека можат да се носат со ваков притисок, па се надевам дека ќе ни помогнат да оствариме позитивни резултати“ – додаде Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА