Кошаркарите на Работнички се максимално подготвени за новиот предизвик – вечното дерби на македонската кошарка во кое „црвено-белите“ утре ќе го пречекаат МЗТ Скопје (18 часот, сала „Градски парк“. Избраниците на Марин Докузовски влегуваат во мечот со перфектен скор од 18-0 во досегашниот дел од сезоната, а мотив повеќе им е фактот дека минатиот месец токму од МЗТ Скопје го загубија финалето во Купот на Македонија (67-76).
„Добро познато е ривалството меѓу овие две екипи, свесни сме дека нема да биде нималку лесно, но ќе сториме се за да стигнеме до победата. Оној пораз во Кавадарци во Купот на Македонија го оставивме зад нас, напорно работиме во изминатите денови, добро го анализиравме противникот и едвај чекаме да почне натпреварот. Ако не ги повториме грешките од тоа финале, верувам дека ќе успееме да стигнеме до победата и да им донесеме радост на нашите навивачи“ – изјави центарот Кире Николовски.
Во однос на тоа куп-финале и двата тима сега се со поразлични ситуации кога станува збор за повредените кошаркари, сега Гинјард е „фит“ за Работнички, додека МЗТ Скопје ќе биде без помошта на Бојан Трајковски.
„Тогаш го немавме Гинјард, кој во меѓувреме се рехабилитираше. Добро познато е од колкаво значење е Американецот за нашата игра и нема сомнеж дека ќе бидеме многу посилни со Маркус Гинјард во нашите редови. На спротивната страна МЗТ ќе го нема Трајковски, квалитетен играч и еден од најдобрите стрелци, но „металците“ имаат долга ротација и ќе сторат се за неговото отсуство да не се почувствува“ – истакна Николовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА