Легендарниот Фил Џексон повеќе не е претседател на НБА тимот на Њујорк никс. По три години откако дојде како спасител во клубот, Џексон сега си заминува на помалку неславен начин.
Фил Џексон (71) кој има освоено 11 шампионски прстени во НБА со Чикаго булс и со ЛА лејкерс, со „никси“ не дојде ни блиску до тој успех. Во изминатите три години откако стана престедател на клубот, Њујорк никс запишаа рекорд од 8 победи и двојно повеќе (166) порази и беа меѓу најлошите тимови во НБА во овој период.
Џексон до истекот на договорот имаше уште две години во кои требаше да добие 24 милиони долари. Во досегашниот ангажман тој заработе 60 милиони долари што е околу 10 илјади долари дневно.
„По многу размислување и откако зедовме се предвид, спогодбено се договоривме „никси“ да тргнат во друга насока“ – изјави сопственикот на клубот, Џејмс Л.Долан.
Тој во изјавата додава и дека во краток период, клупските операции ќе ги води генералниот менаџер Стив Милс.
„Њујорк никс секогаш ќе има посебно место во моето срце. Овој тим и овој град ја лансираа мојата НБА кариера. Засекогаш ќе им бидам должен. Се надевав дека ќе донесам уште една титула во „Гарден“ и многу сум разочаран што не успеавме во намерата. Навивачите на Њујорк никс не заслужуваат ништо помалку од тоа. Ним и на раководството на „никси“ им посакувам се најдобро, сега и засекогаш“ – напиша Фил Џексон во своето официјално соопштение.
Изминативе месеци, Џексон беше во судир со Кармело Ентони и со Кристапс Порзингис. За навивачките беше шокантен фактот дека Фил Џексон се обидел да го натпера Ентони да се откаже од посебната клаузула во договорот со која беше оневозможено тој да биде „трејдуван“ во друг клуб. Клаузулата му ја одобри лично Џексон кога легендата на НБА во 2014 година го продолжи договорот со „никси“ за наредните пет години за сума од 124 милиони долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА