Ако има позитивен случај на коронавирус во некој од тимовите, па дури и тоа да е возач, трката нема да биде откажана, вели шефот на Формула 1, Чејс Кери. Американецот ова го објасни по објавувањето на распоредот на осумте воведни трки од Ф1 сезоната која ќе почне во јули со неколкумесечно задоцнување.
„Ќе имаме процедура, но позитивните случаи нема да водат кон откажување. Ако возач е позитивен, на трката ќе се појави резервниот пилот на тимот. Но, ако постојано се занимаваме со тоа што би можело да биде никаде нема да стигнеме. Да објаснам повторно и во случај некој од тимовите да не може да настапи, трка ќе има“ – вели Кери.
Отворањето на Формула 1 сезоната беше откажано откако се појави позитивен случај на коронавирус во тимот на Мекларен. Сега кога конечно Ф1 направи распоред за рестарт на сезоната нема намера веќе да откажува со оглед на огромните финансиски загуби и на „Либерти Медиа“ сопствениците на Ф1 како и на тимовите.
Првата трка е закажана за 5. јули во Австрија, потоа ќе има уште едно натпреварување во оваа држава. Засега се најавени осумте европски трки, на распоредот се и Шпанија и Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА