Кошаркарите на МЗТ Скопје по уште една катастрофална партија претрпеа нов убедлив пораз во АБА-лигата, овојпат на гостувањето против фаворитот Будуќност со резултат 92-61. „Металците“ одиграа една добра четвртина, солиден втор период, за потоа во третиот дел од мечот да дојде до целосен колапс, по којзнае којпат сезонава, за убедлив пораз на уште една средба. За неколективната игра изговор нема, а ако има нешто добро за МЗТ тоа е фактот дека крајот на АБА-лигата се ближи, регионалното натпреварување ќе финишира наредниот викенд, а македонскиот првак и покрај слабите игри во речиси целата сезона успеа да обезбеди опстанок.
МЗТ Скопје имаше проблеми во нападот од самиот почеток, па во првите пет минути македонскиот првак погоди само два шута од поле, двете тројки на Ксавиер Тејмс. Потоа во ритам влегоа и останатите играчи, па првата четвртина заврши со израмнети 22-22, пред се благодарение на Тејмс, кој беше стрелец на половина од поените на „металците“. Избраниците на Анте Назор играа солидно и на стартот од вториот период, но потоа по минималното водство од 26-27 им дозволија на домашните кошаркари да направат серија од 12-2 и за првпат во натпреварот посериозно да се одлепат. Лалиќ реализираше два напади во низа и МЗТ во финишот се приближи на четири поени разлика, пред Савовиќ да погоди тројка за конечни 43-36 на крајот од првото полувреме.
Стартот од третата четвртина мина во знакот на Ѓорѓе Дреновац, кој за три минути постигна седум поени. Сепак, одбраната беше далеку од посакуваното ниво, Лалиќ му се приклучи на Скот на листата на играчи со по три лични грешки, па одбраната загуби на интензитет. Тоа го искористија домаќините, кои во меѓувреме влегоа во ритам и при обидите од далечина, па во 24. минута Будуќност со тројката на Вилијамс стигна до првото двоцифрено водство (57-45). Клоф загуби уште една топка по влезот во рекетот, па по забивањето на Поповиќ за 61-47 Анте Назор побара тајмаут. Сепак, не само што 5на хрватскиот стручњак не вродија со плод, туку дојде до целосен колапс во играта на македонскиот првак, во преостанатите пет минути МЗТ погоди само еден шут од поле, па Будуќност неслучајно дојде до убедливи 77-52 на крајот од третата четвртина.
Остатокот од натпреварот беше само рутина за домаќините, кои не само што ја одржаа, туку и уште повеќе ја зголемија својата предност. За одбележување е дека Назор во самиот финиш му даде шанса на младиот Настовски, кој важи за еден од најталентираните млади играчи во школата на „металците“ и кој во изминатиот период тренираше со првиот тим на македонскиот шампион. Токму Настовски во самиот финиш погоди положување за конечни 93-61, нов дебакл на МЗТ Скопје во регионалното натпреварување.
Тејмс со 20 и Дреновац со 13 поени беа најефикасни кај македонскиот првак, додека најдобри стрелци на Будуќност беа Поповиќ со 17 и Савовиќ со 14 поени.
МЗТ Скопје наредниот викенд го пречекува Морнар, но дури и во случај на пораз има обезбеден опстанок во АБА поради подобриот меѓусебен скор од екипата на Крка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА