ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Исланд славеше над Јапонија со резултат 25-21 во првиот натпревар од денешната програма во Минхен. Јапонците изненадија со добра игра, речиси цел натпревар му парираа на фаворитот, но немаа сили да приредат чудо, со тоа и да и направат услуга на македонската репрезентација во пресрет на утрешното последно коло против исландскиот национален тим.
Исланѓаните фуриозно го почнаа натпреварот и за седум минути игра поведоа со три гола разлика (6-3, потоа и 7-4). Јапонците успеаја да го намалат темпото, потоа го променија и голманот, па експресно стигнаа до израмнување (8-8). „Самураите“ дури и стигнаа до водство од 12-11, по што Исланд постигна два погодоци и на одмор се замина со минимална предност на европската селекција од 13-12.
Исландските ракометари подобро го почнаа и второто полувреме, по десетина минути игра поведувајќи со три гола разлика (19-16). „Самураите“ не се предадоа, па на шест минути до крајот намалија на 23-22. Палмарсон, кој до тој момент имаше само еден погодок, постигна значаен гол за Исланд, веднаш потоа му асистираше на Сигурмансон, со што прашањето на победникот беше решено, па овој интересен натпревар заврши со триумф на фаворитот од 25-21.
Гунарсон и Сигурмансон со по пет погодоци беа најефикасни во таборот на исландската репрезентација, додека Палмарсон доби нешто помала минутажа од вообичаено и го заврши мечот со скромни два погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА