Ништо од „пеколниот февруари“: Одложен уште еден меч на Вардар во ЛШ

Вардар требаше да игра во пеколно темпо на секои два-три дена во февруари, но новиот бран на коронавирус донесе и нови одложувања во Лигата на Шампионите.

Откако беше откажано гостувањето во Париз поради неможноста за влез во Франција без да се заврши во карантин, сега од исти причини е одложено и гостувањето против Фленсбург, меч што беше закажан за 11 февруари.

„Иако до последен момент имаше навестувања дека германските власти ќе дозволат одигрување на натпреварот Флензбург – Вардар, истиот во последен момент е ОДЛОЖЕН. Причината за одложувањето е последното гостување на Вардар 1961 во Португалија. Бидејќи Португалија е во “црвена зона” германските власти бараат тимот на Вардар 1961 да биде во карантин доколку пристигне во Германија и сакаат да го играат натпреварот. За одигрување на истиот меч ќе се бара друг термин и координација со двете екипи“, објави Вардар на официјалната веб-страница.

Со оглед на се помалото време до крајот на месецот (рок даден од ЕХФ), речиси невозможно е да се најде начин сите одложени натпревари да бидат одиграни за групната фаза да биде комплетирана.

Поради ова, многу веројатно е дека ЕХФ ќе пристапи до планот Б, сите 16 екипи директно да се пласираат во нокаут-фазата што ќе почне со осминафинални дуели. Вардар како последен во својата група во тој случај би играл во осминафиналето против Барселона, бидејќи каталонскиот гигант е лидер на табелата во другата група од елитното европско натпреварување.

Се вчитува...