Ниту Австрија не го најде лекот за „црвената фурија“

Шпанија ја потврди неприкосновеноста на овој европски шампионат откако бранителот на трофејот во петтиот меч од ЕП 2020 стигна и до петтата победа, овојпат над Австрија со резултат 30-26. Домаќините едно полувреме успеваа да му парираат на големиот фаворит, но искуството и квалитетот на „црвената фурија“ се покажаа како пресудни за актуелниот европски првак да прокнижи нови бодови.

Првиот дел мина во израмнета игра, Австријците во неколку ситуации дури имаа и предност, а во преден план беше одличниот Јанко Божовиќ, кој со удари од далечина го торпедираше голот на Коралес. Шпанците со двата гола пред крајот на полувремето на пивотот Фигерас на одмор заминаа со минимална предност од 17-16. Клучното водство беше направено во првите десет минути од вториот дел, откако „црвената фурија“ поведе со 23-19 и потоа го контролираше резултатот се до самиот крај и конечните 30-26.

Македа беше најефикасен со шест гола, четири постигна Ентрериос, додека Коралес го заврши натпреварот со девет интервенции. Во таборот на Австрија најдобри стрелци на оваа средба беа Божовиќ со пет и Фримел со четири погодоци.

Се вчитува...