Фенербахче веќе го избра тренерот за новата сезона, и тоа селектор кој е дел од ЕВРО 2020. Турскиот гигант во изминатиот период беше поврзуван и со македонскиот кормилар Игор Ангеловски и со хрватскиот селектор Златко Далиќ, но овие две опции паднале во вода откако претседателот Коч се сретнал со Владимир Петковиќ.
Швајцарскиот селектор експресно го импресионирал првиот човек на Фенер, а само 24 часа биле потребни за да се постигне целосен договор. Фенербахче требаше да го официјализира новиот тренер минатиот викенд, потоа неочекувано одложувајќи ја одлуката. Весникот „Хуријет“ ја објави и причината – импресивната победа на Швајцарија над Франција, со која Петковиќ приреди чудо елиминирајќи го еден од главните фаворити за титулата.
Според овој весник, сите детали се договорени, но на официјализација ќе се чека се до елиминацијата на Швајцарија од шампионатот, за да не биде нарушена атмосферата во националниот тим пред клучниот дуел со Шпанија што ќе се игра утре.
Петковиќ е роден во Сараево и првите чекори како играч ги имаше во БиХ, по што се пресели во Швајцарија. Овој 57-годишен стручњак потоа како тренер водеше неколку клубови во Швајцарија, во периодот од 2012 до 2014 седеше на клупата на Лацио, по што го презеде кормилото на швајцарската фудбалска репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА