Никогаш не е едноставно кога се игра натпревар против противник што реално е послаб, дуел на кој победата е сосема очекувана, а поразот би можел да биде оценет како трагедија. Таков е случајот со денешната пресметка на Македонија против Ангола (20.45 часот), дуел на кој „црвено-жолтите“ важат за големи фаворити, а на кој победата речиси сигурно ќе значи и пласман во посакуваното осминафинале, осигуран по само две одиграни кола.
Червар предупредува дека не смее да дојде до опуштање, ракометарите делуваат свесни и максимално мотивирани, а во прилог им оди и традицијата која вели дека Македонија на претходните четири мундијали никогаш не загубила од тимот што важел за аутсајдер во групата.
Дебито на ракометните мундијали нашата национална селекција го имаше во 1999 година во Египет, каде најслаба селекција во групата беше Саудиска Арабија. Македонија предводена од Пепи Манасков и со тинејџерот Кире Лазаров во своите редови, ја оправда фаворитската улога триумфирајќи со убедливи 28-21 (16-11). Десет години подоцна во Хрватска бевме дел од групата Ц што се играше во Вараждин. Во првото коло загубивме минимално од Тунис, за веќе во второто бесот да го истуриме врз аутсајдерот Алжир, кого го декласиравме со 32-19.
На СП 2013 во Шпанија во групата имавме два аутсајдери, Катар кој во тој период се уште немаше активирано делење на пасоши и Чиле, селекција што немаше триумф над ниту една европска репрезентација на мундијалите. Двата меча во Севилја успеавме да ги добиеме (30-28 со Чиле, 34-30 со Катар), па експресно беше обезбедено осминафинале.
На последното Светско Првенство во Катар најслаба селекција во групата беше Иран. Селекторот Обрван тогаш експериментираше со составот, одмарајќи дел од првотимците, но по голема борба сепак успеавме да триумфираме со 33-31.
„Црвено-жолтите“ секогаш досега успевале да го положат „испитот на зрелоста“ против селекции кои не смеат да бидат потценети, нека биде така и вечерва, па со триумф над Ангола да се трасира патот кон следната рунда од мундијалот во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА